РЕФЕРЕНДУМ – 2018 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

РЕФЕРЕНДУМ – 2018 PDF Печати Е-пошта
Вторник, 07 август 2018 16:56

Мнозинска поддршка за референдумското прашање

На претпоставеното референдумско прашање, кое се поклопува со актуелното: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „За“ би гласале 41,5%, а „Против“ - 35,1%, односно разликата е 6,4 процентни поени. 

Ова го покажа испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година. 

referendum fb

Сепак, помалку етнички македонци би гласале „За“ (27,4%) отколку „Против“ (45,2%), додека кај етничките албанци поддршката „За“ е убедлива (88% наспроти само 2,2% „Против“). Повеќето млади би гласале „За“ (49,2%), а со возраста опаѓа поддршката (34,9%). Слична е тенденцијата и во однос на образованието – со поголема поддршка „За“ кај тие со повисоко образование. Во однос на партиската припадност, очекувано големи мнозинства на симпатизерите на најголемите две партии се во линија со партискиот став (75% од тие на СДСМ се „За“, а 68% од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се „Против“), но поголемо отклонување има кај СДСМ (14,6% нивни симпатизери ќе гласаат „Против“, наспроти 4,7% од тие на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат „За“). Дополнително, 20,6% од тие на ВМРО-ДПМНЕ изјавиле дека нема да излезат на гласање.     

За разлика од анкетата спроведена во април, сега нема голема разлика во однос на тоа дали во референдумското прашање се споменуваат ЕУ и НАТО или не (во тој случај – без ЕУ и НАТО во прашањето „За“ се 39,8%, а „Против“ би гласале 35,7%). 

Мнозинство (66,4%) изјавува дека ќе излезе да гласа на референдумот, додека 19,8% се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот, додека 11,9% се уште немаат одлучено. 

Без оглед на исходот на референдумот, недвосмислена е поддршката за членство на Република Македонија во ЕУ (80,4%) и НАТО (79,9%). 

Мала информираност за Договорот со Грција

Иако 84% од испитаниците изјавуваат дека се запознаени со Договорот, степенот на запознаеност со неговите одредби  варира од нешто помалку од 20% кои сметаат дека се целосно запознаени, до 28% кои се само делумно или воопшто не се запознаени со Договорот. 

На прашањето од каде се информирале за договорот, за големо мнозинство (73%) тоа се медиумите, потоа од социјални мрежи (14%), а 6% од пријатели. За одбележување е дека само 3% изјавиле дека се запознале од самиот договорот – односно само 32 од испитаниците го прочитале Договорот со Грција

На контролното прашање – испитаниците да посочат како во Договорот е дефинирана националноста (државјанството), само 17% го навеле точниот одговор (Македонци/граѓани на Република Северна Македонија). 

Малцинска поддршка за повеќето од клучните одредби во Договорот, мнозинска само за јазикот и кодовите

Поголем дел од испитаниците не се согласни (делумно или целосно) со неколку од клучните одредби на Договорот. Против промената на името во Република Северна Македонија се 53,6% (наспроти 42,3% кои се согласни со промената). Слично е и со дефиницијата за државјанстовото (nationality) каде несогласни се 56,2%, а согласни 38,3%.  Најголема е несогласноста со опсегот на употребата (ерга омнес) со 57,1% (наспроти 35,5% согласни) и за промената на Уставот (58,9% наспроти 35,1%). 

Од друга страна, големо мнозинство (74,2%) даваат поддршка за решението за македонскиот јазик (наспроти 20,6%), како и со задржувањето на кодовите МК и МКД (83,9%).

Сепак, и покрај поголемото незадоволство од поединечните клучни одредби (7 наспроти 2 за кои има мнозинска поддршка), на прашањето за согласност со договорот како целина, вкупно 49,1% искажале согласност (кумулативно од целосна - 34,3% и делумна - 14,8% согласност), додека несогласност изразиле 46,8% од испитаниците. 

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани телефонски (CATI) во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година. Анкетата е спроведена на повеќеслоен стратификуван примерок од 1026 испитаници постари од 18 години, репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење, а дизајниран според периодичната проценка на Државниот завод за статистика од 2017 година. Користен е случаен избор на испитаници, со рандомизирано бирање на броеви и методот на „нареден роденден“. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1% со прифатливо ниво на доверба од 95%.  

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести РЕФЕРЕНДУМ – 2018