Специјалните возила за собирање смет – најприоритетни за граѓаните - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Специјалните возила за собирање смет – најприоритетни за граѓаните PDF Печати Е-пошта
Сабота, 30 ноември 2013 00:00

Граѓаните на Македонска Каменица и Делчево на петтата форумска сесија одлучија дека најприоритетна потреба за нив е набавката на специјални возила за собирање смет.

specijalnite vozila za sobiranje smet najprioritetni za gragjanite-1

На сесијата што се одржа на 28 ноември 2013 година во ресторанот „Саса“ во Македонска Каменица присуствуваа 96 граѓани и имаа можност да гласаат за три проекти. Покрај избраниот, на гласачките ливчиња беа и проектите: „Расчистување на дивите депонии“; „Уредување на градските депонии“.

„Презадоволен сум од учеството на меѓуопштинскиот форум заради тоа што на овој начин сами придонесуваме во решавањето на секојдневните проблеми со отпадот во нашите две општини “, ни рече Малин Трајчевски еден од учесниците на форумската сесија. „Иако јас лично, сметав дека проектот за уредување на градските депонии во општините Македонска Каменица и Делчево е најприоритетен за реализација, сепак го поддржувам и победничкиот проект кој го избраа граѓаните, а за останатите се надевам дека двете општини ќе ги реализираат со сопствени средства“, додаде Трајчевски.

specijalnite vozila za sobiranje smet najprioritetni za gragjanite-2

На граѓаните им се обрати и градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски кој изрази благодарност до сите кои активно се вклучија во реализирањето на форумските сесии. „Набавката на специјални возила за собирање на смет значително ќе ја подобри комуналната хигиена во двете општини, а ќе придонесе и за уште поголема меѓуопштинска соработка со оглед на тоа дека ќе се набават различни видови возила кои меѓусебно ќе бидат разменувани. Ваквиот начин на решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните претставува едно ново искуство и за нас и за нив, и во наредниот период општина Македонска Каменица ќе им овозможи на своите жители поголема вклученост во процесите на донесување на одлуки од јавен карактер“, рече Митевски.

Сите проблеми кои граѓаните ги идентификуваа во текот на форумскиот процес, како и проектите кои не беа изгласани се дел од листата со препораки кои им беа дадени на градоначалниците. Тие изразија подготвеност во иднина, од средства на буџетот на општината или од други фондови да ги реализираат препораките на граѓаните.

На крајот на форумската сесија граѓаните избраа работна група која ќе го следи спроведувањето на проектот што беше изгласан.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Специјалните возила за собирање смет – најприоритетни за граѓаните