25 години МЦМС - добра волја и напорна работа се карактеристиките за успех - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

25 години МЦМС - добра волја и напорна работа се карактеристиките за успех PDF Печати Е-пошта
Вторник, 18 декември 2018 12:43

„Посредник меѓу локалните потреби и меѓународните можности“, „чадор на граѓанските организации на Македонија“, „кршач на мраз“, „пополнувач на јазовите“, „тивок поврзувач“ „организација со став“, се само дел од фразите кои го карактеризираат МЦМС кој на 14 декември 2018 година со Свечена академија прослави 25 години од своето основање.

25 god mcms holiday inn

На настанот присутните се присетија на успесите кои го одбележаа овој четврт век работење на организацијата. Во овој временски период, МЦМС спроведе 1.652 проекти од различни општествени сфери со буџет од над 60 милиони евра.

„Кога се прави ретроспектива лесно е да се каже дека времето ги носи настаните и ништо не зависи од личностите, демек работите ќе се случеле и вака и онака. Тоа никако не важи кај нас. Тука е мал временскиот лост и раситнет човековиот потенцијал. Верувајте ми, да не беше МЦМС многу работи немаше да се случат, а Македонија ќе беше поматно и понесреќно место за живеење“, рече Звонко Шаврески од Полио плус како долгогодишен партнер на МЦМС.

Обезбедена чиста вода за пиење во 262 села во Македонија, итна реакција за време на двете кризи во 1999 и 2001 година, вклучување на Ромите во образованието и работната сила, зајакната економска независност на жените од конфликтните подрачја, подобрени услови за работа и учење во 16 училишта, кампањи за подигнување на свеста и публикации за аргументирана расправа се само дел од резултатите со кои организацијата може да се пофали.

 DSC2815 2 DSC2828 2 DSC2869 2
 DSC2887 2 DSC2902 2 DSC2957 2

Жак Вилемсе , поранешен член на Конзорциумот за Македонија (донаторската заедница), говореше за почетоците на МЦМС и за бројните проекти за водоснабдување на заедниците. „Кога се осврнувам наназад на МЦМС, не ги гледам само бројките или оние работи кои може да се измерат, туку исто така на пораката која тие ни ја пренесоа нам, како и на нивниот народ. Мислам дека тоа е една од причините поради кои 25 години подоцна МЦМС се уште постои. Сум видел многу нови организации кои доаѓаат и си одат, но МЦМС е еден од извонредните примери за човековиот успех.

„Во МЦМС сум од самиот негов почеток и сум еден од ентузијастите кои се обидуваат да дадат визија на оваа организација заедно со другите“, рече Наташа Габер Дамјановска, поранешен член и претседавач на Управниот одбор на МЦМС. Таа се осврна кон активностите кои ја обликуваа овозможувачката околина за благопријатен развој на граѓанските организации и за да се постигне развиен, одржлив и влијателен граѓански сектор. Во 1995 година се започнаа дискусиите за нов закон за здруженија и фондации со кој би им се овозможила слобода на здружување, слобода на собирање и слобода на изразување, кои се всушност трите постулати на секоја одржлива демократија во секое општество.

Ризван Сулејмани, претседавач на Советот на МЦМС истакна дека „големината на МЦМС не е во тоа што има еден од најголемите буџети на граѓански организации, ниту во тоа што е една од најголемите организации во државата. Неговата големина е во тоа што пред сите успеа да ја препознае силата на комплементарното единство на различните етнички, социјални и религиозни заедници кои успешно ги менаџира и наместо деструктивни конфликти произведе компаративно единство и синергија.“

 DSC2719 2

Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, рече дека за четврт век МЦМС стана фактор на развој на граѓанското општество и промотор на европските вредности. „Овие постигнувања не беа лесни. Напротив, бараа долги напори, чести усогласувања на разни засегнати страни, интереси и мислења. Водилка отсекогаш ни била потребата од градење консензус“, потенцираше тој, додавајќи дека општествената поларизација е последица од неможноста за постигнување консензус околу клучните општествени прашања. Сепак, тој додаде дека колку и да мислиме дека е лошо во државата, сепак многу е направено и променето за овие 25 години во Македонија.

На крај, во кратко обраќање, поранешниот извршен директор на МЦМС, Сашо Клековски, истакна дека МЦМС треба да инсистира на тоа дека само добра волја и напорна работа можат да доведат до успех, а тој како и секој родител, е горд на организацијата во која прерасна МЦМС.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести 25 години МЦМС - добра волја и напорна работа се карактеристиките за успех