Зајакнување на правната заштита и пристапот до правда за маргинализирани групи во Источно планскиот регион во РСМ Печати
Четврток, 12 октомври 2023 14:06

Пандемијата Ковид-19 и енергетската криза сериозно го нарушија ефективното уживање на човековите права и пристапот до правдата, особено на граѓаните со ниски приходи и маргинализираните групи во Македонија. Според Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во октомври 2022 година бил зголемен за 19,8%, додека цените на мало биле зголемени за 15,4% во однос на истиот период минатата година. Источниот регион во земјава е особено критичен, бидејќи Индексот за развој е под просекот (96,1%), што значи дека луѓето кои живеат во овој дел од земјата, со голема веројатност, се изложени на ризик од сиромаштија. Годишниот извештај за ефикасност на правната заштита на човековите права (2020) открива дека пандемијата доведе до ограничен пристап до Центрите за социјална грижа и до системот за бесплатна правна помош.

слика 2

Принципот на еднаквост и спречување од дискриминација во остварување на човековите права и слободи се гарантирани во низа законски прописи и бројни меѓународни конвенции кои се инкорпорирани во македонското законодавство. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Народниот Правобранител и поддрачните канцеларии, како и поддрачните одделенија на Министерството за правда се клучните институционални механизми кои треба да обезбедат заштита и пристап до правда за граѓаните. 

Сепак, моменталната состојба укажува на нефункционален и тешко достапен пристап до овие институционални механизми за заштита, за граѓаните од Источниот регион. Имено, во изминатата година нема Заменик – Народен Правобранител во поддрачната канцеларија, а од друга страна КСЗД е со седиште во Скопје и има навистина органичени ресурси за теренски посети и кампањи за информирање на граѓаните во овој регион. Дополнително, подрачни одделенија на Министерството за правда задолжени за бесплатна правна помош, има само во 5 од 11 општини од регионот, од кои ниту една во руралните средини и помалите општини. Уште повеќе, ниту граѓанските организации, регистрирани за давање на примарна правна помош, кои на некој начин ги надополнуваат недостатоците во институционалниот пристап, не ја задоволуваат потребата на граѓаните во регионот.

Слика 1

За да одговори на оваа состојба, здружението ЛЕГАЛ Тинк, преку проектот „Препознај, пријави, заштити се од дискриминација!“ влијаеше за  намалување на јазот помеѓу институциите и граѓаните од Источниот регион преку обезбедување правна поддршка и информации за превенција од дискриминација и ефикасна заштита на правата на граѓаните. Шест млади правници направија 14 теренски посети во 11 општини од Источниот плански регион, при што, приоритет беше даден на населби и места кои имаат навистина отежнат пристап до информации за остварување на своите права, но и отежнат пристап до институционална правна помош и поддршка. Мобилните тимови информираа, споделуваа основни правни информации и документираа случаи за бесплатна правна помош, кои ги проследија до Правната клиника при Универзитетот „Гоце Делчев“ како овластени даватели на примарна правна помош, за понатамошно постапување. Се опфатија вкупно 3000 граѓани. Покрај тоа, преку проектот се воспостави и тесна соработка со клучни чинители во локалните средини, како Правната клиника, службеници од локалните самоуправи и локални граѓански организации, со цел истите да ја зголемат свесноста и подготвеноста да служат како сервис и линк помеѓу граѓаните од регионот и институциите. Ова треба да придонесе за намалување на институционалниот јаз во регионот и да овозможување полесен и поефикасен пристап на граѓаните до институциите на системот за остварување и заштита на нивните човекови права и слободи. 

Несомнено, граѓаните од Источниот регион се соочуваат со бројни повреди на нивните права, потенцијални дискриминаторски однесувања и неможност да добијат правни информации и совети како да ги заштитат и остварат своите човекови права и слободи. Потенцијална повреда на права од социјална и здравствена заштита, имотни права, проблеми со извршни постапки и сл., се дел од случаите кои мобилните тимови ги забележаа. Пристапот до правни информации, советувања и бесплатна правна помош за сиромашните граѓани од регионот е неопходен чекор за полесно остварување и заштита на граѓаните од регионот. Институциите и локалните самоуправи мораат итно да ги решат недостатоците во нефункционалноста на механизмите за заштита, за да се обезбеди еднаков пристап до правда и ефикасна заштита на граѓаните од регионот.

Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, а финансирана е од Европската Унија.


Поврзани: