Волонтирај - излези од твојата „комфорт зона“ Печати
Вторник, 01 август 2017 12:55

Нела Мрчковска која учи и студира во САД и Вајдас Карпалавичиус од Литванија, изминативе два месеца волонтираа во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Тие имаа можност практично да го надополнат своето теоретско знаење од студиите, да видат како изгледа работата во една граѓанска организација, а Вајдас, како странец, и подобро да ја запознае Македонија.

Volontiraj izlezi od tvojata komfort zona

Двајцата сосема случајно стапиле во контакт со МЦМС, поточно преку едноставно пребарување на интернет. Се согласија дека постапката за станување волонтер е прилично едноставна и брза, а за време на целиот процес имале поддршка од соработникот одговорен за волонтери и практиканти – Симона Огненовска.

Изминатиот период тие главно беа фокусирани на развојната помоши го искористија своето знаење и вештини да изработат студии на случај.

„Ми беше многу интересно постојано да учам нови работи за Македонија, за правниот систем, за владиниот и невладиниот сектор. Сметам дека ова многу ќе ми послужи во иднина бидејќи планирам во фокусот на моето понатамошно студирање да ги ставам Македонија и Источна Европа“,- рече Нела.

Вајдас, кој досега немал никаков допир со Македонија и нејзината култура, е задоволен што  можел да се вклучи во другите проекти на МЦМС.

„Имав голема среќа да се вклучам во проектот со македонската дијаспора наречен ‘Родум од Македонија’. Се запознав со прекрасни луѓе од целиот свет, од САД, Австралија и Велика Британија. Исто така имав можност да ја видам убавината на земјата, да патувам со нив во Охрид, Струмица и во околината на Скопје.“- рече тој.

Како совет за идните волонтери, Нела посочи дека најважно нешто е да излезат од својата „комфорт зона“ и едноставно да се вклучат во сè што можат и што им се нуди. 

За Вајдас, пак, ова искуство претставуваше отворање нови хоризонти. Се здобил со нови знаења за работењето во граѓанскиот сектор, па во иднина се гледа како дел од организација која се грижи за унапредување на животната средина или на благосостојбата на животните.

МЦМС ја спроведува програмата за волонтерство од 2008 година, а преку неа, до сега биле поддржани вкупно 83 волонтери. Организацијата се гордее што може да им помогне на студентите во развојот на нивните вештини преку работа во рамки на проектите, како и да ја подигне свеста кај нив за важноста сите ние да бидеме активни членови на граѓанскиот сектор. 


Поврзани: