20 години МЦМС Печати
Четврток, 12 декември 2013 15:12

20-godini-mcms[Прес соопштение] 1.578 проекти за повеќе од 50 милиони евра.

МЦМС денес одбележува 20 години од своето постоење и работење. Постигнувањата можат да се мерат низ повеќе параметри. 

Организацијата спроведе 1.578 проекти со вкупен буџет од 50.980.876 евра. Најголем дел од финансиите беа користени за основна и итна помош (30%), а најголем број од проектите се однесуваа на граѓанското општество и демократијата (36%). Најголем дел од финансиите што ги обезбеди МЦМС за спроведување на своите активности беа од Конзорциумот за Македонија (составен од агенции поврзани со Светскиот совет на црквите) и тоа 69%, потоа, од ЕУ и од други владини и меѓувладини агенции (13%), додека 12% се од сопствени приходи.

Повеќе од половината проекти (53%) се спроведени со финансиска поддршка, а по 20% се спроведени преку развој на капацитети и застапување. МЦМС во своето 20 годишно работење спроведе 791 обука и консултација преку кои беа обучени 18.674 претставници не само на граѓанскиот сектор, туку и на државната администрација, локалните самоуправи и бизнис секторот.

МЦМС ја препозна потребата за институционална меморија на анализите, дебатите и решенијата што граѓанскиот сектор ги нуди не само за прашањата од својот сектор туку и за прашањата од поширок општествен интерес. МЦМС издаде 148 публикации. Во последните години се фокусираше на спроведување и публикување на истражувања кои треба да придонесат кон аргументирана расправа за клучните прашања на македонското општество.

За важните општествени прашања МЦМС спроведе 10 кампањи. Најголем дел од нив се уште се во свежо сеќавање на јавноста, нивните слогани се уште се живи, како на пример „Цело е кога има се!“ или „Кажи Македонија“ и „Јас живеам овде“. Вредностите и пораките што ги носеа со себе се уште се актуелни.  

Во своите 20 години работа МЦМС покажа дека има висок капацитет за прилагодување на брзите промени кои се случуваат во општеството. Новите предизвици пред организацијата се предводење на понатамошниот развој на граѓанското општество во Македонија и проширување на активностите и надвор од Македонија. Новите генерации на МЦМС се веќе подготвени за соочување со тие предизвици.


Поврзани: